Владата ќе ја зајакнува наплатата на даноците - со закони и инспекции

17 November, 2017 - 16:22

Наплатата на даноците во земјава навистина е слаба, признава и министерот Тевдовски, откако вчера Светска банка порача дека треба да се подобри ефикасноста во нивното собирање.

„Изминативе години, ако го гледаме она што главно го полни буџетот, ДДВ, земјава имала една од послабите наплати во регионот. Ние правиме се тоа да го промениме во наредниот период. Имаше еден голем проект во УЈП за надградба на софтвер, но ова е и политичка воља, да притиснеме и даноците да се собираат како што треба“, вели Тевдовски.

За да зајакне наплатата се најавуваат построги инспекциски контроли и подобар информатички систем. Сепак, министерот со апел и до граѓаните.

„Граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците. Без тоа не можеме да ги развиваме столбовите на општеството, образованието, здравството“, рече Тевдовски.

Во функција на подобра наплата се и новите измени на Законот за персонален данок, кој веќе е пуштен во собраниска процедура.

Сега земјоделците кои остваруваат годишен приход до 300 илјади денари не плаќаат никаков данок, а оние од 300 илјади до 1,3 милиони денари плаќаат данок од 2 проценти. Со измените, даночното ослободување ќе го изгубат тие со приход до 300 илјади денари, и ќе плаќаат данок.

„Основата за пресметување на данокот ќе претставува разликата помеѓу остварениот вкупен приход и признатите нормирани трошоци во висина од 80% (ова подразбира дека ќе се оданочува 20% од остварениот приход)“, објаснуваат од Министерството за финансии.

Според експертите, со овие измени ќе се зголемат приходите, а ќе се олесни администрирањето.

„Се трга тоа даночно ослободување каде што не се плаќа никаков данок, а оние што ќе надминат еден милион денари, ќе мора да се запише во некаков регистар, и да биде деловен субјект“, вели Гацов. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 4263 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.