Владата ќе решава за иднината на „ Скопје 2014“

18 September, 2017 - 17:41

За иднината на проектот „ Скопје 2014“ ќе одлучува владата, рече министерот Алаѓозовски на денешната прес конференција на тема: „ 100 дена нова влада во културата“. Според него, поради сложеноста на проектот,  решавањето ќе оди во фази, а веќе формираната работна група за анализа  , идната седмица ќе го даде првиот предлог до премиерот и министерот за култура.

„Приоритет да им се даде на оние објекти кои што се најспорни, за кои јавноста бара реакција од нас. Тоа е споменикот на Андон Јанев Ќосето, како и на проектите кои што се во различни фази на изградба, со што создаваат финансиски импликации врз државниот буџет“, изјави Роберт Алаѓозовски, министер за култура

Министерот за култура истакна дека инспекциските служби  за 100 дена утврдиле направена штета во буџетот за култура од претходната власт преку менаџерски договори и договори за закуп, во висина од 2, 4 милијарди денари. Наследен е долг кон изведувачите на новата зграда на Македонската филхармонија  од околу 15 милиони евра, но и недомакинско работење во установата, со исплатени 200 илјади денари за оркестрирање и 646 илјади денари за коктелот при отворањето на објектот. Недомакински се работело и во „ Охридско лето“, каде  сценарио за отворањето на фестивалот чинело 150 илјади денари. Но, изведбата на сцената за СВП била уште поскапа и чинела 750 илјади денари, а била реализирана преку авторски договор со физичко лице. Затоа новата власт започнала со смена на раководниот кадар во установите, вели Алаѓозовски.

 „Промените ги направивме и ќе ги правиме со цел да овозможиме ослободување на установите од директни партиски влијанијаи опструкции , да овозможиме услови за откривање на злоупотребите  и неправилностите кои со години се криеја од јавноста“, изјави.Роберт- Алаѓозовски, министер за култура.

Министерот истакна дека ќе се формира и  Национална комисија при УНЕСКО која треба да ја утврди состојбата со уништувањето на Музејот на вода во Охрид. Започнало решавање и на важни проблеми преку легислативни иницијативи во Собранието, поврзани со измените на Законот за употреба на македонскиот јазик, Законот за култура , во делот на националните пензии и Предлог законот за престанување на важење на Законот за национален уметник, дополни ресорниот министер.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2907 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.