Владата ќе треба да земе кредит за да се дозигради автопатот Кичево-Охрид

6 October, 2017 - 19:49

За да се доизгради автопатот Кичево-Охрид, Владата ќе мора да земе нов кредит, бидејќи нема друг извор од каде би се обезбедиле потребните дополнителни средства за да финишира изградбата. Засега нема сознанија колку тој би тежел, бидејќи не се знае колку пари плус ќе бидат потребни, за нив во моментов се преговара со кинеската страна. Телма од владини извори неофицијално дознава дека една од опциите е да се земе кредит од кинеската ЕКСИМ банка, која ја кредитира изградбата на двата автопати, Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, и која го постави условот главен изведувач да биде кинеската компанија Синохидро.

Дека власта планира да земе кредит за доизградба на автопатот во интервјуто за Ноќно студио на Телма откри и првиот човек на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

„Ако се оди според предвиденото и ако се успешни преговорите, бидејќи сега ние преговараме за 3 работи, за пари, за време и за кредит, значи овој пат би требало да биде готов за три години“, рече Китанов.

ЕКСИМ банката кон крајот на 2013 и одобри на претходната Влада кредит за финансирање на двата автопати, а беше договорено заемот да покрие околу 90 оттсто од изградбата, или околу 520 милиони евра. Кредитот беше договорен со рок на отплата од 20 години и пет години грејс период, со каматна стапка од два отсто. Некои меѓународни институции тогаш изразија забелешки околу транспарентноста на овој процес.

Со кредитот ќе треба да се отстранат и дел од пропустите кои сега се откриваат на терен.

„Ова ќе спадне во делот на додатните работи, бидејќи кога автопатот би бил завршен вака како што е сега проектиран, оној што ќе влезе на автопатот кај Кичево, нема излегување, ниту, пак, некој моѓе да се качи попат“, вели Китанов.

Според Китанов, ова значи дека на автопатот ќе мора да се додат околу 8 клучки, кои по пазарна вредност би чинеле околу 31 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1238 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.