Владата не треба да го прифати големото поскапување на автопатот што го бараат Кинезите

5 October, 2017 - 16:04

Доколку е точно дека кинеската Синохидро бара 143 милиони евра за доизградба на автопатот Кичево-Охрид, покрај првично договорените 373 милиони евра, таа сума е нереална и Владата не треба да прифати да ја исплати, смета Борис Танески, директор на Заводот за испитување материјали, проектант на пет делници од овој автопат. Тој е дециден дека цената на автопатот договорена уште на стартот со Кинезите е повисока од проектантската, затоа и Специјалното јавно обвинителство го отвори овој случај. Според светските стандарди, вели тој, цената на еден проект може да се зголеми за максимум 10 отсто и ништо повеќе од тоа.

„Значи дека автопатот може да поскапи во конечна сума за 37 милиони евра, тоа е крајна сума, за тој проект. Може да има и некои нови барања, на пример некоја клучка и слично, и тогаш може да се прифати, ама на основната цена зголемувањето може да биде само 10 отсто и од тоа не треба да се бега“, вели Танески.

Танески е дециден дека сериозен експерстки тим мора да испита зошто и врз основа на кои елементи изведувачот Синохидро бара повисока цена, или тоа го бараат подизведувачите Гранит, Трансмет, Илинден и албанската Викторија Инвест. Најдобро е да дојде надворешен ревизор.

„Оставено вака на субјектите кои се учесници во градбата, не оди, додека не дојде компанија од надвор која ќе ги здрма, ќе ги исчешла договорите, и тогаш ќе се види кој грешел. Вака се вртиме во круг“, вели Танески.

Кој е одговорен зошто дојде до вакво екстремно поскапување на и онака скапо договорениот 57 километарски автопат, Танески вели дека овој проект е правен надвор од нашиот Закон за јавни набавки, директно со закон од претходната Влада, која го изгласа преку Собранието. Но, се треба да тргне од од ЈП за патишта, тоа е инвеститор, нарачател на проектот, тој требало да го следи и веднаш да ги воочи разликите во цената, а не да се молчи 3 и пол години. Излегува дека Кинезите досега нас не финансирале, ни помагале да не прекине изградбата и сега одеднаш бараат од Владата 143 милиони евра.

Претходниот директор на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски, денеска не сакаше да коментира ништо во врска со овој случај, упати на новото раководство, рече дека сега е само вработен во ова јавно претпријатие.

Владата, вели Танески, мора да мисли и на политичкиот момент и на односите со Кина, но доколку не се постигне разумен договор со Кинезите, премиерот Заев би требало да размисли и за прекинување на проектот.  

Професорот Палоши смета дека е најбитно да се задржи квалитетот на автопатот.

„Моја препорака е да го одржиме квалитетот, и дали ќе се оди на ооцијата да се плати разлика во цена, или да се продолжи рокот, или комбинација, треба да одлучат експертите“, вели Палоши.

Никој од компанијата Синохидро денеска не можеше да се добие за да го даде својот став за поскапувањето на автопатот, а засега нема одговор ни од Кинеската амбасада во земјава.

Министерот Сугарески вчера изјави дека не знае од каде дошол износот од дополнителни 143 милиони евра и рече дека Владата со Синохидро веќе преговара за тоа прашање. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2786 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.