Власта го злоупотреба јавниот интерес

30 September, 2015 - 18:43

Власта не работи за јавниот интерес, напротив, го злоупотребува, рече поранешниот гувернер Петар Гошев, кој наведе повеќе примери. На сајтот на Министерството за финансии пишува дека долгот на општините е 25 милиони евра, а вистината е дека само една од општините, плус Градот Скопје, должат 40 милиони,рече Гошев. Тој праша, чиј интерес  е договорите со странските инвеститори да бидат тајна, иако граѓаните преку даноците го финансираат привлекувањето на странски фирми. Гошев даде уште еден пример кој илустрира дека во Македонија власта не дискутира ниту околу приоритетите на државата.

-Во Македонија нема дебата за приоритетите. Дали е злоупотреба да се гради тркало во фекалиите на Вардар или да се отстрани смрдеата во училишта и во здравствени организации? Тогаш, зборуваме за  злоупотреба, рече Гошев.

Медиумите имаат огромна улога во заштитата на јавниот интерес. Но, темата за јавниот интерес  со медиумите е завршена, рече новинарот Ерол Ризаов.

-Во медиумите веќе немаме притисоци и закани, зашто и нема потреба некој да врши притисок. Медиумите се издифиренцирани, владее самоцензурата, уредниците и новинарите знаат што можат, до каде можат и каде да пласираат - тоа се неколку злосторнички здруженија во медиумите, рече Ризаов.

Тој додаде дека овие медиуми дури на власта и прават услуги кои таа не ги бара од нив, додворувајќи се и погрешно мислејќи дека е тоа јавен интерес. Новинарката Тамара Чаусидис оцени дека новинарската професија е замолчена и скршена, а се полни со неедуцирани лица. Работејќи во приватни медиуми, тие водат сметка за интересот на сопственикот, а не за јавниот интерес и не знаат што е општествена одговорност.

Панта Џамбазоски

Веста е прочитана 298 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.