Влезниците за концертот на Енрике Инглесиас во Скопје речиси распродадени

15 June, 2016 - 15:15

По концертите во Загреб, Белград и Софија, светската музичка ѕвезда Енрике Инглесиас, ќе го заврши балканскиот дел од турнејата со концерт во Скопје, на 20 јуни.

Влезниците за концертот на оваа светска мега популарна музичка ѕвезда, се скоро распродадени, велат од „ Авалон Продукција“.

„ Здраво Македонија! Јас сум Енрике Инглесиас. Се гледаме во понеделник на 20 јуни, на многу специјално шоу. Се гледаме таму.“

Со овие зборови , големиот шпански и светски изведувач, Енрике Инглесиас, ги поздрави македонските фанови, во пресрет на концертот во спортскиот центар „ Борис Трајковски“.

Подготовките за концертот се целосно завршени, а барањата на кралот на латино поп музика биле многу скромни, изјавија од „ Авалон Продукција“.

Исклучителна можност македонската публика, па и фановите од околината да видат една голема ѕвезда. Го нарекуваат крал на латино поп музиката. Од она што го видовме - наши колеги беа во Белград и Загреб, на неговите концерти што се одржаа во месец мај , може да очекуваме фантастично шоу кое трае два часа, изјави Денис Илиоски од „ Авалон Продукција“.

Со концертот во Скопје, Енрике Инглесиас ќе ја заврши турнејата на Балканот. Таа е насловена „ Секс и љубов“, според неговиот последен, десети студиски албум, објавен пред две години.

Енрике, кој е син на исто така популарниот шпански пејач Хулио Инглесиас, музичката кариера ја започна во 90- тите години на минатиот век. Со својот глас и енергично танцување на сцена, постигна планетарен успех, со албумот „ Енрике“.

До сега продал над 140 милиони албуми. Неговиот хит „ Баиландо“ има преку милијарда прегледи на Јутјуб, што му обезбеди место во Гинисовата книга на рекорди.

На концертот на Енрике Инглесиас во Скопје ,ќе можат да присуствуваат најмногу осум илјади посетители. Партерот во ВИП Арената на центарот „ Борис Трајковски“ веќе е распродаден, а има уште малку влезници не продадени, велат од „ Авалон Продукција“.

Сотир Трајков

 

Веста е прочитана 391 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.