Во Галичник почнува 28. ликовна колонија

15 August, 2017 - 13:41

Осум уметници, двајца домашни и шест странски, ќе учествуваат на традиционалната, 28-ма ликовна колонија „Галичник 2017“, која ќе се одржува од денеска до 22 август во селото Галичник. Ќе учествуваат уметниците Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс од Белгија, Фидан Бејтулаху од Косово, Јулиа Хопкинс од Велика Британија, Рената Папишта од Босна и Херцеговина, Рок Богатај од Словенија и Ана Јовановска и Ангел Миов од Македонија.

Како што информираат организаторите, во поглед на идејната структурираност колонијата веќе осма година се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа-уметностите па, генерално, поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс.

- Покрај престојот и работата во селото Галичник, кое со својата богата историја, традиција и природна убавина ќе изврши некакво влијание врз оформените уметници, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот „Св. Јован Бигорски“, а ќе биде организирана и еднодневна посета на градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко, истакнува Ана Франговска, претседател на Ликовната колонија во Галичник. 

Веста е прочитана 675 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.