Во Македонија ќе влегува албанска нафта?

5 October, 2017 - 17:02

Дали на Македонскиот пазар ќе влегува нафта од Албанија? Оваа дилема се отвори во јавноста откако бензиската станица на Супер Трејд во Скопје се ребрендираше под името на американскиот нафтен бренд Галф оил. Се најави мрежа на станици под истото име, но нема информација од каде ќе се набавуваат нафтените деривати.

Повод за дилемата дали се прави нов обид за протуркување на албанска нафта на македонскиот пазар е фактот што главен застапник за Галф оил за западен Балкан е албанската компанија Сан Петролеум која веќе има бензиска станица во струшко Радолишта, а со која стопанисува фирма со исто име од Скопје. Нејзин основач е офшор компанија од Делавер, САД а управител е лицето Иракли Сванидзе од Тбилиси, Грузија.

Фирмата Супертрејд како и Алоф Илинден, Црна Река Петрол Кавадарци,Гуливер Инженеринг и Дади Оил Виница беа посочени како фирми кои увезуваат нафта од Албанија, од истото место од кое нафатата се увезува и во Косово.Случајот се обелодени во пред два месеца откако Косово блокира 40 цистерни под соменение дела станува збор за неквалитетно гориво.Оправдувањето на дел од компаниите беше дека горивото е увезено од Албанија заради блокади на границата со Грција но сличен увоз се вршел и во 2016 кога ГрчкатА границата не беше затворена.

Косовската царина спречи увоз на околу милион литри нафта и деривати од Албанија откако лабораториските супер контроли во 6-7 цистерни докажаа дека нафтата е неквалитетна и дека содржи огромни штетни концентрациии на недозволени материи. Цистерните беа вратени во Албанија а останатите беа пуштени на косовскиот пазар. Брендот Галф преку фирмата Сан Петролеум во Албанија постои од 2014 година а свои претставништва има и во Црна Гора и на Косово.

Последнава година зачестија сомнежите за квалитетот на увезените горива од Албанија, како и за последиците што неквалитетните деривати ги предизвикуваат врз животната средина и моторите на возилата.

Институции кои се надлежни за испитување на квалитетот на увезените нафтени деривати останаа неми на случувањата и покрај сериозните индиции дека сомнителна нафта од Албанија завршила на бензинските станици во земјава. Не се спроведоа вонредни конторли на  горивата  што се продаваат, а царинската управа не обелодени кој и колку нафта и нафтени деривати увезува од Албанија и каде, односно, на кои пумпи завршува горивото.

Вчера отворената безниснска станица Галф беше најавена како голема странска инвестиција која носи највисоки стандарди, но од фирмата Супер Трејд нема одговор од која странска земја е инвестицијата, дали станува збор за соработка со користење на брендот и кој е вистинскиот застапник на Галф, Супертрејд или Сан Петролеум. Дилемите и овој пат можат да ги разрешат само надлежните институции.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 4375 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.