Во регионот нема вистинска културна дипломатија

14 October, 2017 - 15:48

Не постои културна дипломатија во регионот , во потесна смисла на зборот, вели Милена Драгичевиќ Шешиќ, шеф на одделот на УНЕСКО за интеркултуралност и професор по културна политика и менаџмент во Белград. Според неа, најдобрите културни дипломати доаѓаат од невладиниот сектор, од установите од културата и од уметниците, зашто во реалноста, функцијата ја вршат политичари, а не професионални дипломати.

„Дипломатијата како таква е препуштена на тесен круг професионални политичари, дури не ни дипломати, зашто овдека повеќе се прашуваат министрите за надвирешни работи кои се политичари, кои денес може да се министри за надоверешни работи, а утре министри за одбрана или на нешто трето. А, професионалните дипломати се ставени малку во втор план и добиваат инструкции од оние кои се многу помалку стручни од нив“, Милена Драгичевиќ- Шешиќ, шеф на одделот на УНЕСКО за интеркултурализам.

Од тие причини остануваат не решени клучни прашања за културата , а културните продукти  не се познати во светот, или се познати површно или пак регионот е запаметен само по лошите нешта, смета Драгичевиќ – Шешиќ. Според неа, за успешна културна дипломатија потребни се нови релевантни проекти за нашиот контекст, кои ќе бидат во дослух со светските трендови, размислувања и идеи. По примерот на српскиот фестивалски бренд ЕГЗИТ, Македонија треба да го заштити своето културно наследство и некои манифестации, порачува Шешиќ.

„Тоа е исто така дел од културната дипломатија . Значи , заштитете ги вашите артефакти, македонскиот вез, ората. Мислам има многу нешта штоби можеле да се заштитат. Потоа ќе почнете полека да добивате препознатливост  зашто се знае дека вие сте средина со едно големо , специфично, културно богатство. Дури мислам дека Македонија има и современи манифестации кои би можеле да се заштитат , како нематеријално наследство. Да речеме, Струшките вечери на поезијата“, Милена Драгичевиќ - Шешиќ, шеф на одделот на УНЕСКО за интеркултурализам.

Милена Драгичевиќ Шешиќ во Кино Култура ја промовира книгата на англиски јазик „ Културна дипломатија: уметност , фестивали, геополитика“. Таа е нејзин коприредувач, заедно со Лилјана Рогач и Нина Михаљинац, а едно поглавје напиша и Билјана Тануровска Ќулавковски . Книгата е во два дела. Првиот, се осврнува на аспектите на културната дипломатија, низ трудови на најзначајните теоретичари од оваа област, денес. А, во вториот дел, фокусот е на театарскиот фестивал Битеф, кој од формирањето пред половина век, е пример за успешна културна дипломатија, која ги обединува западот и истокот на сцената.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 359 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.