Војската во Зимбабве спречи државен удар на сопругата на Мугабе

16 November, 2017 - 18:57

Со домашниот притвор на диктаторот Роберт Мугабе и неговата озогласена сопруга, режимот од 37 години е чекор поблиску до својот крај. Сега е прашање да се допобеди режимот без крвопролевања.

Според твит на партијата на Мугабе, Зану, не станува збор за државен удар, туку за ненасилна транзиција.

„Тие немаат проблем со нивниот врховен командант, кој е претседателот Мугабе. Тие имаат проблем со некои луѓе околу него, кои ги правеа чистките, кои го спроведуваа крадењето. Има многу корупција во Зимбабве, мислам дека тоа е големата тема во судирот. Значи, армијата буквално кажа: во ред“, ние ќе го исчистиме ова.

Луѓето околу него се пред се трите министри на Мугабе, шефот на финансиите Игнациус Чомбо, министерот за образование Џонатан Мојо, и министерот за јавни градби, и главниот политички комесар на владејачката партија, Савиор Касукувере.

Тројцата се дел од групата позната како Г40, една од главните струи во владејачката партија, која се обиде да ги исклучи ветераните од војната за независност, меѓу кои и проминентната фигура, ветеранот на ослободувањето и поранешен пријател на Мугабе, Емерсон Мнангагва. Тука и кулминираше кризата откако минатата недела ќе биде дефенестриран со цел да се отвори пат до врвот на власта за првата дама на Зимбабве и можеби најомразената личност во земјата, Грејс Мугабе.

Грејс Мугабе втората сопруга на диктаторот, негова поранешна дактилографка, бескрупулозно го користеше името на Мугабе за да напредува понатаму. Долго време никој не се осмелувал ништо да и приговори. Критичарите беа немилосрдно отстранувани од владејачкиот круг, додека Грејс постојано го зголемуваше своето богатство и го ширеше своето влијание.

Претседателот Мугабе не се противеше на тоа, туку во своите одминати години и веруваше само на неа.

Може да се каже дека со реакцијата на војската, спречен е вистинскиот државен удар и доаѓањето на власт на сопругата на Мугабе.

„Првата дама, Грејс Мугабе се наоѓа во Зимбабве сега. Постојат информации дека е надвор од земјата, но тие се неточни. Дали таа ги забрза настаните? Да, таа придонесе многу за ситуацијата“.

Кокодрилот Мнангагва, како што му е прекарот на овој 80 годишен генерал на кој војската му е лојална, сега се наоѓа на сигурно во Јужна Африка. Грејс Мугабе погрешно ја процени состојбата кога е во прашање влијателниот Емерсон Мнангагва, кој ја поздрави интервенцијата на војската и транзицијата која таа ќе ја спроведе.

„Војската не сакаше насилен излез. Не сакаа насилен излез. Не сакаа да бидат приморани во ситуација каде мора да формираат воена влада. Мислам дека тоа е една многу интересна работа, и ова беше многу внимателно изменаџирано од страна на воената транзција со изненадувачки степен на воздржување од сите страни“.

Но за некаков „добар“ државен удар не може да стане ниту збор. Никој не треба да има илузии дека привремените властодршци ќе можат да помрднат руинираното Зимбабве. И Мнангагва, човекот кој е во егзил во Јужна Африка и кој наводно го усогласил преземањето на власта со новата светска сила Кина, е човек на минатото. Се уште не е дојден часот на опозицијата. Таа е и натаму повеќе поделена од владејачката партија Зану-ПФ. Во таква ситуација, армијата може да обезбеди уреден, преоден период. А потоа треба да уследат слободни избори. Такви во Зимбабве немало 15 години.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 5686 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.