За Владата не е спорно што здружението „Т'га за југ“ се регистрирало во државна канцеларија пред да добие одобрение

1 November, 2017 - 16:31

Новоформираното Здружение на деца бегалци од Егејска Македонија „Т'га за југ“ си се регистрирало во државна канцеларија во Скопјанка. Деловниот простор со бр.51 кој е сопственост на станбеното претпријатие, во централниот регистар го впишало како сопствена адреса. Дека во план е Владата да го даде овој простор на ова здружение потврди и министерот без ресор Едмонд Адеми, за кого воопшто не е спорно што уште пред да е донесена одлуката здружението си го напишало како сопствена локација.

Телма денеска успеа да контактира со претседателката на здружението Евгенија Николовска, која не сакаше да одговори дали веќе ги користат просториите кои ги навеле како локација. Најави дека ќе даде изјава откако ќе се договори со останатите членови. Извори за Телма потврдуваат дека во централниот регистар кога пред месец и половина се регистрирало здружението не доставило било каков документ со кој ќе докажат дека просторот го има на располагање. Тоа законски и нема обврска да го стори, но за податоците кои ги дава е под кривична материјална и морална одговорност.

Дали ќе се бара одговорност молчат од државното претпријатие за станбен и деловен простор. А токму управниот одбор е оној кој се чека дали ќе одобри владата да ја донесе најавената одлука. Последниот скандал кој јавно беше обелоденет е оној кога здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради кое ги донираше спомениците низ Скопје, доби деловен простор во центарот на Скопје. Министерот побара да не се изедначуваат овие две здруженија.

Инаку Телма вчера објави дека во централниот регистар „Т'га за југ“ е формирано пред месец и десетина дена, откако претходно негови членови се сретнале со министерот Адеми и со премиерот Заев. За Владата пак, ова не е новоформирано здружение туку сојуз од повеќе вќе постоечки. Но, такво нешто во основачкиот акт не постои.

Билјана Николовска

Веста е прочитана 1394 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.