Заев утре во Софија на средби со Борисов и Радев

19 June, 2017 - 13:44

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев утре и задутре ќе престојува во посета на Република Бугарија. Заев во Софија ќе се сретне со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со претседателот Румен Радев.

Софија по Брисел е втората дестинација што ќе ја посети Заев по формирањето на новата македонска Влада.  Заев, најавувајќи ја посетата на Бугарија, деновиве во повеќе наврати истакна дека од Софија, која од 1 јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ, очекува добра соработка и поддршка за евроатлантските аспирации на Македонија. Посетите на Брисел и на соседните земји, вели Заев, значат засилена активност со помош на пријателите од ЕУ и од соседите да се придвижи Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ. 

И бугарскиот премиер Бојко Борисов, по изборот на новата македонска Влада, изрази уверување дека Софија и Скопје ќе работат за зацврстување на добрососедските односи и за приближување на Македонија кон ЕУ и НАТО.  По минатонеделната средба со германската канцеларка Ангела Меркел, Борисов изјави дека посакува Македонија како соседна држава да биде стабилна.

Веста е прочитана 1077 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.