Западен Балкан да се поврзе, достапни се европски пари за модерни патишта

16 October, 2017 - 15:59

Да не дозволиме од Скопје до Сараево да патуваме по 12 часа по копнен пат или со авион. Вака Живко Мукаетов, прв човек на Самитот 100, кој денес на едно место успеа да собере огромен број политички и бизнис лидери од Југоисточна Европа, се обиде да долови колку за земјите од Западен Балкан е битно да изградат модерна транспортна мрежа, така ќе се поврзат и меѓу себе, но и со Европа кон која претендираат да се вклучат. Така ќе зајакне конкурентноста на националните економии и ќе се подобри животниот стандард, бизнис заедницата во регионот ќе стане моќна и ќе го покрене економскиот раст.

Од ЕУ, пак, порачаа дека парите за развој на инфраструктурата и изградба на патишта се веќе ставени на маса, а еден процент вложен во вакви проекти, бруто домашниот производ го зголемува за 2,4 отсто. Побараа од лидерите на Западен Балкан реформи, стабилност и предвидливост, исто како да се веќе влезени во ЕУ.

Токму од Европа претседателот Иванов побара да стави приоритет на вложувањето во инфраструктура во овие земји, така тие полесно ќе се изборат со свеовидниот егзодус на млад стручен кадар кој сега им се случува.

Министерот Сугарески не кажа точно колкава ќе биде европската поддршка, најбитно е тие средства да не пропаднат.

Вицепремиерот Анѓушев порача дека треба прво да ги научиме основните лекции, а тоа значи да изградиме добра инфраструктура. 

Тој зборуваше за иднината на електричните автомобили, како пример спомена колку е зголемено нивното производство во неговата компанија Брако.

На Самитот се најави старт на регионалниот проект Едисон за поставување станици за полнење на електрични автомобили на автопатиштата во регионот, односно зелен коридор од Љубљана до Скопје, Приштина и Тирана, во должина од 1.400 километри.

 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 798 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.