Започна научната конференција „Минатото на јазичниот свет - денес и утре“

15 November, 2017 - 16:49

Владата е подготвена за вложување во капацитетите што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на  меѓународната научна конференција, во организација на Институтот за македонски јазик. Во време кога е актуелна дебатата за Законот за јазици,  премиерот рече дека македонскиот јазик треба да биде правилно употребуван во Македонија и подостапен за изучување и афирмација во странство. Вети отварање на лекторатите во странство, но и други мерки за заштита на македонскиот јазик. Директорката на Институтот , Јованова - Грујовска вели дека грижата за јазикот е клучна за секоја земја.

„Затоа што јазикот е наше духовно благо како што вели Крсте Мисирков, но и наша единствена целосна татковина како што вели Блаже Конески“, кажа  проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Јазикот не е само средство, тој сам по себе е богатство. Јазикот на секој народ е негово духовно богатство, забележа министерката за образование и наука Рената Тренеска - Дескоска.

„Јасно е дека статусот на јазиците и опсегот на нивната употреба е значајно прашање кое е дел од различни политички стратегии со кои се пристапува кон јазичната разноликост во секоја земја, како што е градење на одредена нација, зачувување на етнички обележја, градење толеранција и недискриминација“, кажа Рената Тренеска- Дескоска, министер за образование и наука.

Во рамките на Меѓународната научна конференција насловена „Минатото на јазичниот свет денес и утре“, земаа учество 68 домашни и странски референти.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 1857 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.