Заврши овогодинешниот фестивал „Браќа Манаки“

1 October, 2017 - 16:27

Во конкуренција од 13 филмови, унгарскиот кинематографер Марсел Рев е добитник на златната Камера 300 на 38 издание на фестивалот Браќа Манаки во Битола, кој заврши синоќа. Меѓународното жири му ја додели наградата поради „визуелната енергија и исклучителна креативност во пренесување на приказната за бегалецот од Сирија низ слики“, во филмот „Месечината на Јупитер“

„Не подготвив говор. Не очекував дека ќе добијам вака високо признание. Конкуренцијата за награди беше голема, а јас се чувствувам прекрасно што сум тука, честитам на сите. Прекрасно беше да се биде во Битола и благодарам на битолската публика. Оваа награда му припаѓа на целиот тим што го подговуваше филмот“, истакна Рев.

Сребрената „Камера 300“ отиде во рацете на германскиот кинематографер Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, а бронзената „Камера 300“ ја доби кинематограферот Дејан Димески кој го снимаше филмот „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ. На синоќешното затворање, на македонскиот режисер Милчо Манчевски му беше доделена специјална награда златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

„Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа аплерима да не ја туркаме културата межу некролозите и малите огласи “, рече Манчевски.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски вети континуирана поддршка за фестивалот на филмската камера  „Браќа Манаки“.

„Овој фестивал има дража и се случува во малата но многу автентична Битола. Како таков ќе го поддржиме и идната година и ги охрабруваме филсмките работници и организаторите да направат уште поамбиционза програма. Ние веруваме во децентрализацијата, а овој децентрализиран фестивал со национално значење е најдоброто нешто што може да и се случи на Македонија“, изјави Алаѓозовски.

Ова издание го следаа повеќе проблеми во текот на организацијата, а помина и без присуство на директорот Благоја Куновски, кој беше отсутен од фестивалските збиднувања заради здравствени причини.

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 442 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.