Здружението кое ќе добие деловен простор од Владата е формирано во септември годинава

31 October, 2017 - 18:52

Новата Влада ќе даде државен простор на користење на ново здружение на деца бегалци од Егејска Македонија. Станбениот простор кој претходната власт го дала на здружението на Ташко Јовановски кое се прослави по донацијата на споменици низ Скопје, сега владата на Заев му го одзема. Според дневниот ред од денешната седница се гледа дека наследник на просторот даден на здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради ќе биде новоформираното „Т‘га за југ“.

Според документите до кои Телма дојде од централниот регистар се гледа дека е основано на 19 септември годинава односно пред неполн месец и половина. Според она што го пишува е целта е поединечна и колективна заштита на неговото членство кое трпи дискриминација од Грција, но и полесно одржување на правото за контакт со роднините. Претседател е Евгенија Николовска, а регистрирано е во трговскиот центар Скопјанка во Аеродром. Телма се обиде да добие одговори од Владата кои точно простории ќе ги добие здружението, точната адреса и број, но порпаролот на Владата Миле Бошњаковски вети дека ќе даде детали откако ќе помине точката на дневен ред. Порача дека утре министерот Едмонд Адеми ќе даде изјава за ова.

Министерот пак во телефонски разговор потврди дека се работи за просторија од повеќе од 50 квадрати во Скопјанка, па се отвора прашањето дали здружението веќе се регистрирало на истата адреса и истиот деловен простор кој треба да му биде доделен уште пред да се донесе одлуката на владата. Телма се обиде да стапи во контакт со претставници од здружението, но контакт не може да се добие. Нема ниту сајт, па единствено преку маилот оставен во централниот регистар се обидовме да комуницираме но одговор нема. Претседателката ја пронајдовме на нејзиниот личен фејзбук профил, но не одговори на нашите прашања. Се обидовме да ги најдеме и просториите во Скопјанка, но безуспешно.

Според она што може да се види на официјалниот фејзбук профил на Адеми пак, тие со претседателката веќе се имаат сретнато на 31 август годинава кога како што вели тој го  информирле дека истиот простор го користеле до 2011 година кога од политички причини ги избркале. Од нас разбра дека ова здружение е формирано пред само месец и половина. Најави детали за утре и потврди дека просториите веќе се одземени но владата денеска не донела одлука за давање на новото здружение поради процедурални причини од Државното претпријатие за станбен простор.

Инаку, најголемиот скандал за давање на деловен простор пред две и пол години го објави СДСМ, кога тогашната влада одлучи да додели на здружението на Ташко Јовановски на атрактивната локација кај рекорд. Веднаш по ова државното претпријатие си го врати просторот и на истот здружение му додели во не толку атрактивната Скопјанка. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 5399 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.