Зголемениот лимит за задолжување - лош сигнал за стопанството

13 October, 2017 - 16:05

Владата го зголеми максималниот износ за задолжување за 48,5 милиони евра. Тоа значи дека лимитот на задолжувањето на домашниот пазар на хартии од вредност од 138 милиони евра се подига на 187 милиони евра, без разлика на рочноста на обврзниците. Министерството за финансии одлуката ја правда со поповолните услови на домашниот пазар, но нема одговор за што ќе се трошат парите.

„Одлуката за утврдување на максималниот износ за издавање на државни хартии од вредност е усогласување со ребалансот на буџетот, кој беше усвоен од страна на собранието на 6-ти август.Оваа влада нема да издава  еврообврзница до крајот на годината, бидејќи успешно се финансираме на домашен пазар по историско ниски каматни стапки“, соопштуваат од Министерство за финансии.

Економистите велат дека поместувањето на лимитот е резултат на определбата буџетскиот дефицит да се покрие од домашно задолжување и тоа нема да го намали кредитирањето ан компаниите.

Стопанствениците пак се скептични. Дупките што во буџетот ги остави претходната власт мора да се пополнат но тоа според Асоцијацијата на менаџери значи дека државата е сериозно неликвидна .

„Не сакаме децата да си ги задолжуваме за интереси на партиски војници. Ова задолжување е заради скапа држава а таква ја прават партиите, кои мислат на себе а не на економијата. Тоа значи уште поголема агонија за стопанството и анемичност на економијата“, вели Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери.

До крајот на годинава според календарот на Министерството за финансии треба да се одржат уште 6 аукции на државни хартии од вредност а вкупниот долг кој треба да се врати изнесува 214, 5 милиони евра.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1012 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.