Жерновски ја запре изградбата на улицата на кејот

19 March, 2017 - 16:12

Сопрени се градежните активности на шеталиштето на кејот 13 Ноември.Инспектор од Општината Центар им издал усна наредба на работниците кои утринава заградиле двојно поголем простор и ги извадиле плочките од патеката во должина од 50-тина метри. Градилиштето од утринава има приватно обезбедување откако вчера дошло до тепачка помеѓу работник и еден угостител кои си размениле тупаници и се здобиле со полесни повреди.

- При увидот се констатирани недостатоци, нема информативна табла, елаборат з аоколчување, по доагање на инспекторите, работниците се повлекоа а остана обезбедувањето и тоа на државен имот, вели Саша Богдановиќ од општина Центар. 

Угостителите и денеска се собраа во знак на револт од намерата  двонасочна улица да поминува пред нивните локали.Не сакаат да зборуваат пред камера но стравуваат дека ќе мораат да ги вадат летните бавчи за кои редовно плаќаат. Граѓаните пак реагираат на обидот, на градот да му се одземе најубавото шеталиште.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски во писмен допис тврди дека во постоечкиот ДУП за Мал ринг на тоа место нема предвидено улица туку подземна сервисна улица.

„Град Скопје, под чија ингеренција е кејот, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето и да направи сервисна улица, која според  актуелниот ДУП - никаде не постои. Лага е дека тоа ќе биде повторно шеталиште или дека улицата ќе биде само за достава. Ако е така, рестораните и сега го користат кејот за достава и затоа нема потреба ништо да се гради. Доколку е потребна сервисна улица за зградата на Телеком, таа мора да биде направена под земја, согласно важечкиот ДУП“, се вели во соопштението на градоначалникот Жерновски.                            

Од Град Скопје пак повторуваат дека улицата како надземна е предвидена со ДУП од 2012 година. Го прашуваат градоначалникот на центар зошто во овие 4 години планот не го сменил ако не му се допагал. 

„Дали стоите на зборот дека посочената сообраќајница е подземна во ДУП-от како што велите и доколку е така дали сакате истото да го докажете пред судските органи?“

Општина Центар овој потег од Кејот во 2015 го прогласи за туристичка зона но со законски измени Градот и ги одзема ингеренциите.Од таму уверуваат дека постојат механизими со кои можат да ја сопрат изградбата на улицата а за нив ќе се расправа на утрешната седница. 

 

Виолета Зајкова Стојановска

Веста е прочитана 4080 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.