Жерновски се откажува од кандидатурата, влегува во владата

13 September, 2017 - 16:55

Потписите кои актуелниот градоначалник на Центар ги собра за независна кандидатура за втор мандат, нема да стигнат до ДИК. Андреј Жерновски одлучи да ја напушти локалната власт и да влезе во централната. Со премиерот се договориле да добие висока раководна функција, ако се откаже од кандидатурата и влезе во владата.

Функцијата на која тој наскоро ќе замине, се уште се држи во тајност.

Жерновски не ја напушта само општината, туку и партијата. Отсега ќе биде член на СДСМ, каде најверојатно ќе влезе и во Централниот одбор.  Вели дека подолго време нема контакти со ЛДП и смета дека СДСМ е иднината во Македонија. Градоначалничкиот мандат го оцени како  најтешките, но и најубавите четири години, исполнети со турбуленции. Посакува еден ден да и се врати на локалната власт, но засега им се заблагодари на центарци за поддршката и ги повика да гласаат за кандидатот на СДСМ.

Социјалдемократите, пак, до вечерва би требало да го откријат името на нивниот кандидат за наследник на Жерновски. Неофицијално, тоа ќе биде  актуелниот директор на ЈП ПОЦ, Саша Богдановиќ. Тој е и претседател на Општинската организација на СДСМ- Центар, а беше назначен и за шеф на Изборниот штаб во оваа општина за локалните избори.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 3896 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.